Организациски модел за соработка околу професионална рехабилитација на лица со инвалидитет

CSC_0298

Во просториите на ЕУ инфо Центар се одржа тркалезната маса Организациски модел на соработка на засегнатите страни во областа на професионалната рехабилитација на лицата со инвалидност во Република Македонија, којашто е составен дел од проектот Промовирање на услугите за социјална инклузија – Компонента I Унапредување на професионалната рехабилитација и вработување на лицата со инвалидитет, финансиран од страна на Европската унија.

Проектот има за цел да го подобри системот, услугите и професионалните капацитети за социјална вклученост на мажите и жените кои се во понеповолна положба и да ги унапреди еднаквите можности на пазарот на труд.

Главна цел на тркалезната маса беше да се дефинира и да се развие организациски модел на соработка помеѓу засегнатите страни во областа на професионална рехабилитација на лицата со инвалидитет во Република Македонија, а со цел да се зајакне соработката помеѓу релевантните страни во областа на професионалната рехабилитација за лица со посебни потреби.

За време на тркалезната маса проектниот тим презентираше два организациски модела: Креирање на онлине платформа за професионална рехабилитација и Создавање на независно тело/сектор/одделение за Професионална Рехабилитација во рамките на Министерството за труд и социјална политика.

“Лицата со попреченост имаат подеднакво право на работа како и сите останати. За да се обезбеди ова право, владите треба да им помогнат во изнаоѓање, здобивање на работно место, негово одржување или враќање на истото. Професионалната рехабилитација подразбира сè што му е потребно на еден човек со попреченост или човек со здравствени проблеми за да остане на работното место, го одржи истото или повторно се врати на работа. Таа се заснова на концептите за давање поголеми права, социјална инклузија, достоинство и почит кон секој човек”, изјави Јелена Вахакоупус, лидер на проектот.