ОРМ бара нови решенија за намалување на несреќите на работните места и намалување на сивата економија

47

ORM_logo

Нови ефикасни решенија за намалување на повредите и несреќите на работните места; воведување на системот на ваучери при пријавување на сезонските работници во задолжителното социјално осигурување и измени во законот за трговски друштва, се трите приоритетни области за кои Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) е подготвена да понуди конкретни предлози со чија имплементација ќе се подобрат условите за водење бизнис во земјата, стои во соопштението.

“Како организација која ги застапува интересите на работодавачите од приватниот сектор, и покрај актуелната политичка состојба, сметаме дека не треба да се губи време. Бизнисот мора да продолжи со работа и затоа ние нудиме конкретни предлози кои произлегуваат од реалните потреби и предизвици со кои се соочуваат домашните компании, а кои доколку се усвојат и имплементираат, убедени сме дека ќе отворат нови перспективи за натамошен економски раст и ќе значат поголема социјална сигурност за вработените и на сите граѓани“, изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров, напоменувајќи дека предлозите од споменатите три приоритетни области очекува час поскоро да бидат ставени и на агендата на Владата и синдикатите.

Конкретно, во областа на безбедноста и здравјето при работа, ОРМ, анализирајќи ги состојбите од теренот, смета дека досегашната примена на законската регулатива во оваа област не ги дава посакуваните резултати, односно не го намали бројот на повреди и несреќи на работните места, особено во земјоделството, градежништвото и преработувачката индустрија каде бројот на повреди и несреќи е најголем. Истовремено, Законот за безбедност и здравје при работа предизвикува значителни финансиски импликации, особено за малите и микро фирми од услужните дејности, во кои често единствена опрема за работа се компјутерите и работните маси, а кои според обврските во законот се изедначени со големите индустриски капацитети каде ризиците за повреди на работното место се значително поголеми. Членките на ОРМ укажуваат на тоа дека неопходна е континуирана обука и усовршување на стручните лица за безбедност и здравје при работа во компаниите, како и примена на одредбите од директивите на ЕУ за мерките за подобрување на безбедноста и здравјето при работа, особено оние што се однесуваат на дефинирањето на повредите при работа и начинот и временскиот рок за нивно пријавување.

Покрај за безбедноста и здравјето при работа, ОРМ предлага и значително поедноставување на моделот на пријавување и плаќање на придонесите за сезонските работници, со што ќе се постигне поефикасна примена на законските одредби за пријавување на овие работници, ќе се зголеми нивната социјална сигурност, а истовремено ќе се влијае на намалување на даночната евазија и сивата економија.

Членките на ОРМ, како еден од приоритети ја истакнуваат и потребата од измени во Законот за трговски друштва со кои се олеснат вложувањата на постојните акционери во компаниите, што позитивно ќе се одрази и за натамошно поттикнување на домашните и странските инвестиции во земјата.

Во идентификувањето на темите кои се од интерес на работодавачите, а кои придонесуваат за унапредување на бизнис климата и работењето на компаниите во Македонија, Организацијата на работодавачи на Македонија добива поддршка и од проектот “Унапредување на социјалниот дијалог“ кој е финансиран од Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.