ОРМ: КонкурентнаПлата – прво национално истражување на плати и додатоци за помош при зголемување конкурентноста на компаниите

35

Организацијата на работодавачите на Македонија (ОРМ) спроведува истражување конкурентнаПлата, во чии рамки од компаниите членки собира и обработува информации за плати, додатоци и надоместоци, за да се добијат релевантни податоци за цената на трудот за профили на вработени на конкретни работни позиции, со цел работодавачите да ги оптимизираат и континуирано да ги надградуваат и усовршуваат идните политики за развој на човечкиот капитал во организацијата.

“Алатката конкурентнаПлата нуди и низа придобивки за членовите на ОРМ. Таа ги следи карактеристиките на локалниот пазар и локалното законодавство, дава ексклузивни информации за специфичните индустрии вклучени во истражувањето, дозволува споредби помеѓу повеќе од 150 работни позиции. Покрај ова, ОРМ нуди и консултантски услуги во секоја фаза на истражувањето, а воедно генерира и навремени, едноставни за следење извештаи прилагодени на потребите на членовите“, велат од ОРМ, пренесува МИА.

Истражувањето конкурентнаПЛАТА е финансирано преку проектот Зајакнување на социјалниот дијалог, кој го спроведува Меѓународната организација на трудот, со финансиска поддршка од страна на Европската Унија. Сите заинтересирани компании можат да се регистрираат и да учествуваат во истражувањето најдоцна до 23-ти март годинава на следниов линк: https://ggle.io/3uDO.

Од ОРМ истакнуваат дека претставуваат повеќе од 1.000 претпријатија со над 72.000 вработени на ниво на целата држава и додаваат дека својот фокус го држи на теми од интерес на работодавачите поврзани со образование, инфраструктура, општествена одговорност, безбедност и здравје при работа, трудова и социјална легислатива, оданочување, инвестирање, казнена политика и кредитирање.

Фото: Pexels