Осигурувањето неживот порасна 16 отсто, осигурениците вложија 156 милиони евра

62

Граѓани, компании и институции лани склучиле речиси 1,5 милиони договори за неживотно осигурување, што е за 30 отсто повеќе од 2020 година. Раст на вложувања во осигурување има кај 15 осигурителни класи, а најзначајни за истакнување, според Агенцијата за супервизија на осигурување, се зголемената побарувачка за патничко осигурување, осигурување имот и приватно здравствено осигурување.

Податоците на АСО покажуваат дека пазарот за неживотно осигурување лани пораснал за 16 отсто во споредба со 2020 година. Осигуреници вложиле 9,6 милијарди денари (156,5 милиони евра) во сите 18 класи на неживотни осигурувања. Тоа е за 1,3 милијарди денари (21 милион евра) повеќе во споредба со 2020 година. Граѓани, фирми, здруженија и инстиуции лани склучиле речиси 1,5 милиони договори за осигурување. Тоа е за 30 отсто повеќе во споредба со 2020 година.

Вложувањата во осигурување неживот лани се поголеми и во однос на 2019 година што, како што наведуваат од Агенцијата, укажува на тоа дека осигурителната индустрија во целост закрепна од негативните влијанија и бројните ограничувања предизвикани од здравствената пандемија во 2020 година.

Во осигурување имот, најголема доброволна класа на осигурување, лани граѓани и правни лица вложиле вкупно 2,17 милијарди денари (35,2 милиониевра). Тоа е за 16,5 отсто односно над 300 милиони денари (5 милиони евра) повеќе во однос на претходната година. Дури за 34 отсто повеќе од 2020 година во осигурување имот вложиле физички лица односно вкупно 679 милиони денари (11 милиони евра). Корпоративниот сектор своите вложувања во осигурување имот лани ги зголемил за 10 отсто и тие достигнале 1,5 милијарди денари (24,2 милиони евра).

-Очекувано најголем раст лани има кај патничкото осигурување. Вложувањата во овој осигурителен продукт достигнаа 148 милиони денари (2,4 милиони евра). Тоа е за 94 отсто повеќе од 2020 година кога, поголем дел од годината, заради глобалната здравстена пандемија предизвикана од вирусот COVID – 19 речиси сите патувања беа сведени на нула, велат од АСО.

Интензивен раст на вложувањата е карактеристичен и за приватното здравствено осигурување – најбрзорастечкиот осигурителен производ од почетокот на здравствената криза досега. Во оваа класа осигурување граѓани, фирми и институции вкупно вложиле 405 милиони денари (6,6 милиони евра) , што е за 48 отсто повеќе од пандемиската 2020 година.

Со умерен раст се карактеризираат и вложувањата во каско осигурување на моторни возила. Вкупно во таа класа лани се вложени 890 милиони денари (14,5 милиони евра) што е за 8 отсто повеќе од претходната година. Кај најголемата осигурителна класа – автомобилското осигурување, кое е задолжително со закон, лани продажбата на полиси достигнала 4,8 милијарди денари (78,6 милиони евра). Тоа е за 17 отсто повеќе од 2020 година.

Според Агенцијата за супервизија на осигурување, значајно за истакнување е тоа што сите 11 компании за неживотно осигурување бележат раст на продажбата на осигурителни полиси што укажува на јакнење на пазарната конкуренција во секторот неживотно осигурување.

Кај „Триглав осигурување”, АДОР „Македонија” ВИГ и „Осигурителна полиса” бруто полисираните премии пораснале до 10 отсто во однос на 2020 година. Кај „Граве неживот”, „Винер ВИГ” „Евроинс осигурување”, „Еуролинк ” и „Сава осигурување” премиите растеле меѓу 10 и 20 отсто. Бруто премиите на „Халк Осигурување” и „Уника”, пак, лани пораснале над 20 отсто, а на „Кроација осигурување – неживот” се зголемиле за повеќе од 40 отсто во споредба со 2020 година.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.