Основање локални економско – социјални совети во општините Струга и Кичево

23

На 27јуни 2016, понеделник, ќе се потпишуваат спогодбите за основање на локални економско – социјални совети во Општина Струга и Општина Кичево. Локалните економско – социјални совети (ЛЕСС) ќе имаат консултативно – советодавна функција, ќе разгледуваат прашања и ќе даваат мислења, предлози и препораки до градоначалникот и Советот на Општината за одредени прашања од економско – социјалната сфера.

Потписници на спогодбата за основање ЛЕСС Струга ќе бидат градоначалникот на Општина Струга, г. Зијадин Села, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, г. Живко Митревски, претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, г. Ангел Димитров, и претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, г. Благоја Ралповски.

Потписници на спогодбата за основање ЛЕСС Кичево ќе бидат градоначалникот на Општина Кичево, г. Фатмир Дехари, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, г. Живко Митревски, претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, г. Ангел Димитров, и претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, г. Благоја Ралповски.

Во советите ќе партиципираат и претставници од Центрите за вработување на општините, средните училишта, како и од невладините организации и здруженија на граѓани.

Основањето на локалните Економско – социјални совети во Струга и Кичево е во рамките на Проектот за унапредување на социјалниот дијалог, кој го финансира Европската Унија (ЕУ), а го спроведува Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Крајната цел на проектот е подобрување на трипартитниот и бипартитниот социјален дијалог како начин за постигнување економски развој и социјален напредок.

Проектот има сеопфатен пристап и има за цел да обезбеди техничка поддршка на институциите и учесниците во процесот на социјален дијалог преку три меѓусебно поврзани компоненти:

  • Зајакнување на социјалниот дијалог на национално и локално ниво;
  • Поттикнување на колективното договарање и воспоставување инфраструктура за колективно договарање на ниво на сектор;
  • Воспоставување механизам за мирно решавање на работните спорови.

Во рамки на првата компонента, проектот го поддржува основањето на шест локални економско – социјални совети, преку иницирање и поддршка на  преговори помеѓу општините, синдикатите и работодавачите, потпишување спогодба за основање на ЛЕСС и опремување на секретаријатите на ЛЕСС со мебел и компјутерска опрема. Преку проектот Унапредување на социјалниот дијалог, досега се основани три локални Економско-социјални совети, во Ресен, Велес и Свети Николе.