Остар пад на вредноста на кинескиот извоз во март

13

Вредноста на кинескиот извоз падна за 7,5 отсто во март во споредба со истиот период минатата година, додека аналитичарите очекуваа пад од 2,3 отсто. Вредноста на увозот е помала за 1,9 отсто во однос на очекувањата на аналитичарите кои предвидуваа раст од 1,4 отсто.

Падот на вредноста на извозот доаѓа дури и кога обемот на продажба се зголеми, нагласувајќи ги предизвиците со кои се соочува Пекинг додека се обидува да ја пренасочи економијата од длабоката криза предизвикана од забавувањето на секторот на недвижности, пишува Фајненшл тајмс.

Економистите велат дека хиперпродукцијата во некои сектори – особено оние поддржани од индустриската политика, како што се електричните возила, соларни панели и други сектори – ги намалува трошоците на кинескиот извоз и им помага да добијат удел на глобалниот пазар.

„Најинтензивна ценовна конкуренција има во високотехнолошкиот сектор за производство на возила, соларни панели, турбини на ветер, што влијае на економиите на Германија, Кореја, Тајван и Јапонија. Она што е важно е обемот на продажбата, а кога ќе ги споредиме обемите од Кина, тие се на рекордно високо ниво“, велат аналитичарите на банкарската корпорација ХСБЦ.

Пекинг се соочува со сè поголеми обвинувања од Европа и САД дека неговите индустрии препроизведуваат, што предизвикува стравувања дека извозниците фрлаат вештачки евтини, субвенционирани производи на пазарот.

Кинеските власти неодамна водеа кампања за отфрлање на западните тврдења за хиперпродукција, велејќи дека цените на нивниот извоз паѓаат поради иновациите и конкуренцијата. Индексот на цените на производителите во Кина паѓа 18 месеци по ред, додека потрошувачките цени се дефлациски, што е знак за слаба побарувачка.