Осум вина на Тиквеш со висока оценка од Wine advocate и Роберт Паркер

49

tikvesЦрвеното вино Бела вода на Винарската визба Тиквеш од бербата 2012 доби високи 95 бодови од страна на Wine advocate и тимот на Роберт Паркер, најпознатиот светски вински критичар.

Бела вода на овој начин се вброи во престижната светска винска елита, потврдувајќи ја високата оценка од пред две години.

Покрај црвеното вино Бела Вода 2012, оценка од 94 поени од тимот на Паркер доби и истото вино од бербата 2011 година. Високо оценети се и црвеното Барово 2011 и 2012 со по 93 поени, белото Барово од 2012 и од 2013 со по 89 поени и белото вино Бела вода од бербата 2012 со 90, а од бербата 2013 со 92 поени.

Претседателот на Управниот одбор на винарницата, Светозар Јаневски, оценките што вината го добиваат од Wine advocate ги спореди со добивањето оскари за најдобрите филмски остварувања.

“Алманахот на Роберт Паркер за нас е исто како и Холивуд и доделувањето на оскарите“, рече Јаневски.

Осврнувајќи се на работењето на компанијата во изминатите години, Јаневски рече дека основна цел било да се направат големи промени во Тиквеш, но и во целата винарска индустрија во Македонија

“Знаевме уште од почетокот дека неградејќи имиџ како држава производител на вино не можеме ништо да направиме и заради тоа паралелно со промените во Тиквеш ние работевме и на тоа да го изградиме Здружението на македонските винарии“, рече Јаневски.

Тој оцени дека со самото внесувањето во Алманахот на Паркер на вината на Тиквеш, внесена е и Македонија како производител на вино.

“Ние во Тиквеш денес сме особено горди, затоа што овој успех потврдува дека нашите вина можат рамноправно, без каков било комплекс, да се мерат со вината од светската елита. Повторувањето на високите оценки, овојпат за дури осум вина, е доказ за конзистентноста на квалитетот во сите фази на производството и огромен поттик за извозните аспирации на ВВ Тиквеш. Дополнително, а не помалку важно, е што ваквите настани можат да се искористат во напорите за пробив во градењето на идентитетот на севкупната македонска винска индустрија во винскиот свет“, изјави Јаневски.

Успешната винска приказна на вината на Тиквеш се должи во голема мерка и на соработката со еден од најценетите вински светски консултанти Филип Камби.

Неговите совети и стручна експертиза беа основа за создавање на нови вински вкусови, чиј успех е сѐ поголем. Од тие причини Тиквеш ја продолжи соработката со Камби и во следните четири години, па во соработка со раководителот на енолошкиот тим на Тиквеш, Марко Стојаковиќ, се најавуваат новитети и во следниот период.

“Овие оценки на The Wine Advocate на Роберт Паркер имаат трикратно значење за Тиквеш. Имено, континуитетот ја потврдува стратегијата на квалитет пред квантитет. Исто така, оценките се најдобра препорака за консументите во САД како највлијателен пазар и тој ефект се пресликува и на европскиот пазар, но и во Кина. И на крајот, го позиционираат Тиквеш на светската мапа на висококвалитетни производители на вина како предводник на македонската винска индустрија“, изјави Игор Илиевски, генерален директор на Тиквеш.

При неодамнешната посета на Тиквеш, Камби даде исклучително висока оценка за квалитетот на бербата од 2013 година, навестувајќи дека овој квалитет во комбинација со интензивните вложувања во технологијата и експертизата ќе резултира со создавање вина со супериорен квалитет, што ќе даде основа за уште поголем пробив на светските пазари.

Од Тиквеш информираа дека во изминатата година двојно го зголемиле извозот на квалитетни вина, а за тековната година оптимистички најавуваат двоцифрен, па дури и троцифрен раст на продажбата.

Добиените високи оценки се солидна основа за поголем пробив на најголемиот, но и најпробирливиот пазар на светот САД, како и за пласман на европскиот и киенскиот пазар.