Осум земји го изгубија правото на глас во Обединетите нации поради долг

68

Осум земји, вклучувајќи ги Иран, Судан и Венецуела, го загубија правото на глас во ОН поради преголемиот долг кон организацијата, изјави генералниот секретар Антонио Гутереш.

Вкупно 11 земји членки во моментот доцнат со уплатата на придонесите во согласност со член 19 од Повелбата на ОН, наведе Гутереш во писмото до членовите на Генералното собрание.

Членот 19 предвидува суспензија на правата на глас на Генералното собрание за секоја земја чии заостанати долгови се еднакви или поголеми од придонесите што ги платила во последните две години.

Ако неплаќањето се случило поради околности надвор од контрола, државата сè уште може да го задржи своето право на глас, што е случај оваа година за три земји – Коморите, Сао Томе и Принсипе и Сомалија, рече Гутереш.

Покрај Иран, Судан и Венецуела, своите права ги загубија уште пет земји – Антигва и Барбуда, Конго, Гвинеја, Папуа Нова Гвинеја и Вануату.

За овие земји да си го вратат правото на глас, потребно е да се плати барем минимална сума, која не е иста за сите земји. Иран треба да плати повеќе од 18 милиони долари, Судан околу 300.000 долари, а Венецуела речиси 40 милиони долари.