
Германија е на удар на еден од најголемите скандали во последните години – масовната злоупотреба и продажба на фалсификувани јазични сертификати.
Странските државјани купуваат документи што им овозможуваат полесен пат до дозвола за престој или германски пасош, а целиот бизнис цвета преку TikTok и WhatsApp.
Истражувачкото новинарство од RTL, ntv и списанието Stern, разоткри цела мрежа на препродавачи кои нудат сертификати од сите нивоа – од основното A1 до највисокото C2, вклучувајќи ги и задолжителните тестови „Живот во Германија“.
Цената варира од неколку стотици евра до 2.700 евра по документ. Лажните сертификати изгледаат убедливо. Тие дури имаат и QR кодови што водат до професионално направени лажни страници.
Сертификати без училиште и испити
Во текот на летото, новинарите контактираа со повеќе од 40 измамници, а во некои градови лично добија фалсификувани документи. Експертите предупредуваат дека системот за контрола е речиси непостоечки – службениците се преоптоварени со работа, слабо обучени и под притисок да ги забрзаат процедурите.
Патот до пасош преку лажни документи
Измамниците не застануваат само на дозволите за престој. Фалсификатите се користат и за добивање германско државјанство, преку специјални програми како што е „Chansen-Aufenthaltsrecht“. Откако сертификатот ќе се најде во системот, ретко се проверува повторно, што отвора врата за масовна злоупотреба.
Официјалните податоци откриваат дека само 1.009 случаи на натурализација се откажани за пет години, иако се проценува дека бројот на фалсификати е многу пати поголем. Само еден службеник во јужна Германија открил дури 340 лажни сертификати за една недела, проверувајќи QR кодови.
Слабости на администрацијата
Полицијата нема точни бројки за обемот на скандалот, но некои истраги споменуваат до 1.000 сомнителни документи. Аферата откри сериозни дупки во германската бирократија и покажа дека измамниците вешто ги искористуваат слабостите на системот.
Додека јавноста се прашува колку странци веќе добиле документи врз основа на лажни сертификати, службените лица најавуваат заострување на контролите – но засега нема конкретни решенија, објавува списанието Феникс.











