Отпадните води како ресурс за производство на водород

42

Истражувачи во Австралија, заедно со комуналните претпријатија, ќе ја истражат можноста за користење на отпадни води за производство на водород во обид да се зголеми одржливата економија и да се максимизираат постојните ресурси.

Тим експерти од Универзитетот Монаш во Мелбурн ќе работи на проектот, со колеги од Австралиската асоцијација за истражување на вода, која се состои од четири домашни комунални компании.

Универзитетот Монаш и споменатото здружение во одделни соопштенија наведоа дека целта на проектот ќе биде „решавање на проблемот со недостаток на вода во процесот на производство на водород“, пренесе CNBC.

Планот е да се постигне ова преку „развој на иновативен пристап, каде што веќе искористената вода повторно се користи како суровина за производство на водород со метод на електролиза на вода“.

Водородот, опишан од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) како „разновиден енергетски проводник“, има широк спектар на апликации и може да се користи во сектори како што се индустријата и транспортот.

Овој хемиски елемент може да се произведе на неколку начини, а еден од методите е примена на електролиза, при што електричната енергија ја разложува водата во кислород и водород. Ако електричната енергија што се користи во овој процес доаѓа од обновливи извори, како што се ветер или сонце, тогаш водородот добиен на овој начин некои го нарекуваат „зелен“ или „обновлив“.

„Количината на отпадни води што моментално е достапна за употреба е далеку поголема од количината потребна за електролизирање на водата за производство на водород“, вели Сиванг Џанг, професор по хемиско инженерство на Универзитетот Монаш.

Поголемиот дел од пречистената вода во Австралија, објаснува тој, „се испушта во околните водни тела или се рециклира за наводнување по третман во централизирани општински пречистителни станици за отпадни води“.

„Со оглед на тоа што обемот на прочистена вода од овие објекти е многу конзистентен, тоа е ветувачки ресурс за електролиза на вода“, заклучува научникот.