Отписот на долговите на најранливите категории на граѓани завршува во октомври

1

Мерката за еднократен отпис на долговите што ги имаат најранливите категории на граѓани ќе заврши на почетокот на октомври, најави денеска вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Според него, со ова решение ќе бидат опфатени меѓу 50.000 и 100.000 граѓани, меѓутоа, конечните податоци за вкупниот број граѓани и износот кој ќе биде отпишан ќе зависи од тоа колку граѓани ќе се пријават и колку ќе ги исполнат условите.

Граѓаните ќе можат барањата за отпис на долговите да ги поднесат во центрите за социјална работа во местото на живеење во рок од 30 дена од објавување на повикот од страна на Министерството за финансии.

Дали ќе биде прифатено барањето или не, ќе одлучи посебна комисија формирана од министерот за труд и социјална политика.

Ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити класифицирани во категорија Г и Д од страна на банките, а кои не се обезбедени, како и за радио дифузна такса.

Со ова решение, како што рече тој, се предлага да се отпишат долговите на три најранливи категории граѓани, односно корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработени лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години.

Услов за првите две категории за да ја користат оваа мерка е да немаат остварено дополнителни приходи поголеми од 105.600 денари во 2013 година и да не поседуваат друг имот освен станот или куќата во која живеат.