Oтворен ден за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност во Струга

23

Во организација на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија – МАЦЕФ и Центарот за развој на југозападниот плански регион, со поддршка од општина Струга, денеска во струшката чаршија ќе се одржи отворен ден каде граѓаните ќе можат да се информираат за придобивките од користењето обновливи извори на енергија и енергетската ефикасност.

Отворениот ден е во рамки на проектот Зголемување на енергетската ефикасност и употребата на обновливите извори на енергија во прекуграничниот регион, финансиран од Европската Унија, како дел од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Албанија.

Со проектот се предвидени отворени денови и во Дебар и Охрид, а целта е промоција на енергетската ефикасност и користењето на обновливите извори во Југозападниот плански регион на Македонија, преку бесплатни совети од инженери и промотивен материјал.