Отворен етно – комплексот Македонско село

57

Компанијата Тинекс вчера свечено го отвори комплексот Македонско село, којшто се наоѓа во село Нерези близу манастирот Св. Пантелејмон, јавува Миа. Етно-комплексот зафаќа површина 12.000 метри квадратни и е изграден во стилот на традиционалната македонска архитектура. Располага со автентични куќи од различни делови на Македонија во коишто можат да се сместат до 100 гости. Комплексот вклучува хотел, ресторани и дополнителни содржини.

Тинекс и хотел Квинс – коишто се во сопственост на Владимир Тодоровиќ и неговото семејство, ќе стопанисуваат со комплексот Македонско село во наредните 20 години. Постапката за избор на концесионерот ја спроведе владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР).

“Чест и задоволство, а истовремено и голем предизвик е што ја имаме можноста да стопанисуваме со овој уникатен комплекс каде секојдневно ќе се раскажува македонската приказна”, истакна Цветанка Христовска, бренд – менаџер на Тинекс.

Директорката на Агенцијата за промоција на туризмот, Лела Крстевска, рече дека ќе се погрижат да ја поддржат работата на Македонско село со тоа што ќе го нудат во своите промотивни брошури и ќе го претставуваат на туристичките саеми.

“Минатата година безмалку половина милион странски туристи ја посетиле Македонија и, за жал, немаа можност да го видат ова што денеска ние го гледаме. Овој прекрасен комплекс ќе значи збогатување на понудата на македонскиот туристички производ, со кој ќе се гордееме на сите саеми и манифестации каде што Македонија се претставува како туристичка дестинација”, рече Крстевска.