Отворен третиот национален MOS натпревар

20

k5002167

Во просториите на Град Скопје официјално беше означен почетокот на третиот национален МОЅ натпревар, стои во соопштението.

MOS (Microsoft Office Specialist) натпреварот е наменет за млади лица на возраст од 13 до 22 години, односно за сите ученици од основните и средните училишта, како и студентите на факултетите. Учесниците на овој натпревар ќе имаат можност да ги покажат своите вештини во познавање на Microsoft Office алатките: Word, Excel и PowerPoint (2013 или 2016). Во првата фаза од натпреварот учениците од цела Македонија се натпреваруваат локално по што најдобрите 40 ученици влегуваат во големото финале од каде што се избрани најдобрите претставници. Победниците на Националниот MOS натпревар ќе се стекнат со можност да учествуваат во Светскиот натпревар Microsoft Office Specialist 2017/2018, во Орландо, Флорида каде што ќе ја претставуваат Република Македонија натпреварувајќи се со претставниците на повеќе од 130 земји од светот.

Натпреварот се одржува трета година по ред во организација на Certiadria, со поддршка од Семос Едукација, Министерството за информатичко општество и администрација, Град Скопје и Општина Центар, како и други општини во Скопје и Република Македонија. Овој проект е отворен за сите организации и поединци кои сакаат да дадат свој придонес во унапредување на дигиталната писменост кај младите.

“Натпреварот ги тестира вештините на сите лица од 13 до 22 години во основните и најупотребуваните Microsoft алатки во светот – Word, Excel и Power Point кои воедно се и трета најбарана вештина од страна на работодавачите, веднаш по читање и пишување. Оваа година го ставаме фокусот на знаењето и истрајноста во подготовките за натпреварот бидејќи покрај меѓународно признатиот сертификат кој го добива секој ученик кој ќе положи еден од испитите, знаењето со кое се стекнува на патот до финалето ќе му помогне во понатамошниот кариерен и образовен развој што директно ќе влијае да нашето општество се движи во вистинска насока“, вели директорот на Certiadria, Марко Серафимовски.

Валентина Тасева, партнер во Certiadria и генерален менаџер на Семос Едукација ја објасни потребата од унапредување на дигиталната писменост на младите во Македонија: “Младите луѓе се родени како digital natives. Тие се секојдневни корисници на дигиталните технологии, комуницираат преку социјални мрежи, споделуваат фотографии, се дружат, учат, слушаат музика на интернет, играат на мобилен телефон, но тие престануват да учат дигитални вештини кои би им помогнале во идната кариера, како што се програмирање, или пак најсекојдневно креирање на проекти и презентации. Македонија станува една од земјите каде што приходот од странство во ИТ индустријата расте интензивно, а бројот на млади луѓе кои работат во оваа индустрија не го следи овој раст. Затоа апелирам до училиштата, професорите и родителите да ги охрабрат младите да се пријават на овој натпревар, а организациите и институциите да го поддржат, за заедно да им овозможиме на што е можно повеќе ученици да го проверат и сертифицираат своето знаење“.