Отворена руска верзија на Старбакс: Логото и името се идентични со американскиот бренд

179

Популарниот ланец за кафе Старбакс е заменет во Русија со брендот Stars Coffee. Покрај сличното име, двата бренда делат и идентично лого, пишува Си-Ен-Ен.

Имено, на презентацијата на кафулето во центарот на Москва беше прикажано и логото на самиот бренд на кое се гледа жена со ѕвезда над главата, што е многу слично на американскиот бренд на кој се гледа сирена со две опашки, со круна и ѕвезда над главата.

– Перцепциите на луѓето можат да бидат различни – изјави Антон Пински, еден од сопствениците.

– Но, ако споредите, освен кругот, нема да најдете ништо заедничко.

„Старбакс“ одби да коментира за сличноста на логото и името, но се повика на претходната изјава во која се вели дека компанијата донела одлука да излезе и дека повеќе нема присуство на бренд на рускиот пазар.

Да потсетиме, по 15 години бизнис, Старбакс ги затвори своите продавници во мај, поради кризата во Украина.

Бидејќи Старбакс имал сопствени ресурси и производствена база, новите сопственици морале да најдат нови добавувачи, но како што велат, не наишле на никакви проблеми.

– Stars Coffee увезува зрна од Латинска Америка и Африка – рече Пински, додавајќи дека добавувачите на други артикли се наоѓаат во Русија.

– Само што најдовме други добавувачи, ги најдовме вистинските печења и бидејќи баристите сето тоа го измешаа како што треба, имаме производ за кој мислиме дека ќе биде конкурентен – заклучува тој.

Старбакс имаше 130 продавници во Русија, управувани од носителот на лиценцата Алшаја Груп, со речиси 2.000 вработени во земјата.