Отворени денови на Катастарот во Скопје

24

katastar-580x266

Жителите на Скопје можат да се обратат во Центарот за катастар на недвижности доколку имаат проблеми или нејаснотии за предмети во надлежност на оваа институција. Стручни тимови на Катастарот ќе бидат на располагање за консултации и одговори до петок, од девет до 17 часот, во рамки на 9. Отворени денови на Агенцијата за катастар на недвижности, што почнаа во октомври лани, јавува Миа.

Отворени денови веќе се реализираа во Штип, Велес, Охрид, Струга, Дојран, Богданци, Новаци, Могила, Кривогаштани. Ќе продолжат наредната недела во Ресен и Демир Хисар, по што е планирано да се опфатат и одделенијата во Куманово, Дебар, Кичево, Берово, Делчево и Скопје, а ќе завршат на 10 март во Македонски Брод и Крушево.

“Досега 740 граѓани присуствуваа на Отворените денови со Катастарот и побараа помош од стручните лица, дел од нив на самото место ја завршија работата, а дел добија стручна помош за да можат најлесно да го решат проблемот. Во однос на бизнис секторот, досега 146 фирми ја искористија можноста за консултации и разрешување на покомплицирани или посложени предмети кои се поврзани со катастарот“, изјави Славче Трпески, директор на Агенцијата за катастар на недвижности.

Лани Катастарот решил речиси 1,2 милиони предмети што е за 130.000 предмети повеќе од 2015 година. Во Центарот за катастар на недвижности Скопје во минатата година се решени над 390.000 предмети или за 15.000 предмети повеќе од 2015 година. Најмногу предмети, 136.000, се примени во март, а најмалку во јули кога се доставени 77.000 предмети што најверојатно се должи на годишните одмори.

Најбарана услуга на граѓаните од Катастарот е издавање имотен лист и лани се издадени 573.000, по што следат барање податоци од приватните геодетски фирми или 139.000. Над 100.000 барања се примени за промена на сопствени врз основа на купопродажба, наследно решение или подарок. Изминатата година се запишани нови 15.000 хипотеки, а се избришани 10.000 хипотеки. Минатата година во катастарот на недвижности се предбележани 1.775 згради во фаза на изградба, а се примени 50.000 барања за запишување станови, куќи, деловни простории… Во 2016 година Катастарот примил и 20 барања за предбележување инфраструктурни објекти во должина од 380 километри и 110 барања за запишување инфраструктурни објекти во должина од 400 километри.