Отворени над 400 фирми во Куманово преку проектот за самовработување

23

kumanovoПреку проектот за самовработување кој се спроведува во периодот од 2007 до 2013 година во општина Куманово отворени се над 400 фирми. Најмногу заинтересирани се кумановците на возраст од 29 до 49 години.

Последнава година преку оваа мерка од оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, се очекува да бидат отворени околу 70-тина фирми, најголем процент мали претпријатија.

“Од отворените фирми дури 90% се успешни, а од нив значителен процент се исклучително успешни. Станува збор за фирми кои во мошне кус период успеаја да се развијат од мали во средни претпријатија со околу триесет вработени”, информира Младена Јаќимовска од Агенцијата за вработување Куманово.

Таа додава дека сегашните стопанственици ги поминале фазите неопходни за отворање на фирмата, обука на деловно планирање и управување, развој на бизнис-планови, селекција и регистрација на фирмите.

“Учесниците кои ги задоволија поставените критериуми се стекнаа со право да користат грант во износ од три илјади евра во денарска противвредност за набавка на опрема или материјали согласно одобрениот бизнис план”, објаснува Јаќимовска.

Од Агенцијата објаснуваат дека успешноста на фирмите се должи на координираното делување на сите надлежни институции, на стручните тимови и на волјата на самите апликанти.

“Овие средства не се подаруваат туку се даваат како поддршка, а самата проценка на понудените бизнис планови бара стручна проценка на тимовите колку бизнисот може да се развие, што зависи од квалификациите, степенот на образование, неформалното образовние, вештините кои ги поседува апликантот”, објаснува Јаќимовска.

Од новоотворените претпријатија во Куманово најуспешни се производствените фирми.

“Развојот на фирмата зависи и од самите бизнисмени како и од моменталната бизнис клима. Имавме случај кога беше отворена фирма од земјоделскиот сектор, а потоа истото лице започна бизнис во градежништвото и успеа да вработи триесетина лица”, вели Благе Јакимовски од Агенцијата за вработување Куманово, додавајќи дека кога ќе се отворат фирмите тие подлежат на постоечките законски процедури и дека имаат право да ја менуваат шифрата на дејност.