Отворени предизвици на иновациската активност на компаниите во Македонија

23

Тркалезна маса на тема Отворени предизвици на иновациската активност на компаниите во Македонија, се организира денеска од страна на Сојузот на Стопански комори на Македонија (ССК) и Македонската академија на науките и уметностите.

Се очекува свое обраќање да има вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, а ќе ја отвори академик Љупчо Коцарев – потпретседател на МАНУ. Како што е најавено, излагање на тема Значењето на истражувањето и развојот (R&D) и на иновациите за динамиката и квалитетот на економскиот раст и развој – случајот на Република Македонија ќе има и академик Таки Фити, раководител на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, додека претседателот на ССК, Данела Арсовска, ќе се обрати на тема Суштинските аспекти на иновациската активност во бизнис секторот на Република Македонија.

По воведните излагања на настанот ќе дебатираат претседателите на секторските комори во рамки на ССК и членови на Управен одбор, академиците на МАНУ, најавено е обраќање и на Јасмина Поповска, директор на Фондот за иновации.

Од дебатата се очекува да се извлечат позитивни заклучоци во насока на што поголемо и успешното имплементирање на иновациите што е клучно за еден бизнис да може да ги унапреди своите процеси, да понуди нови и подобрени производи и услуги на пазарот, како и да ја зголеми својата ефикасност и профитабилност.

Дебатата меѓу академската зедница и приватниот сектор, е резултат на потпишаниот Меморандум за соработка меѓу ССК и МАНУ во април годинава. Партнерството помеѓу двете институции во услови на зголемување на економскиот притисок од глобалната конкуренција е од круцијално значење за справување со современите предизвици во насока на унапредување на истражувањето, иновациите и технолошкиот развој.