Отворено првото Сертификационо тело за градежни производи во ГИМ

76

Promocija Sertifikaciono Telo (1)

Градежен Институт Македонија во хотелот Александар Палас, официјално го промовираше новото независно тело за сертификација на градежни производи ГИМ Сертификација. Ова тело е прво и единствено во Македонија, коешто издава сертификат за постојаност на својствата на производите и сертификат за сообразност на фабричка контрола на производство за речиси сите групи на производи со важечката законска регулатива.

“Нашата стратегија е насочена кон постојано инвестирање во нови производи и услуги, целиме да ги задоволиме потребите на пазарот и да понудиме врвен квалитет. Веруваме дека со ГИМ Сертификација ќе обезбедиме уште една уникатност на тип на услуги коишто ќе придонесат кон поквалитетно работење и зголемена конкурентност кај сите компании“, изјави Михо Јаневски, генерален менаџер на Градежен Институт Македонија.

Сертификационото тело е акредитирано од Институтот за акредитација на Република Македонија и Решение издадено од Министерството за економија согласно Законот за градежни производи и другите позитивни прописи  коишто ја регулираат оваа материја. Со формирање на сертификационото тело за градежни производи, ГИМ Сертификација, овозможена е примена на Законот за градежни производи, според којшто оценка на сообразноста ја вршат акредитирани и именувани сертификациони тела за градежни производи.

Придобивките од сертифицирање на градежните производи се во поглед на промовирање на квалитет на градежниот производ со контроли, на тој начин се обезбедува конзистентно производство преку постојаниот надзор на процесот на производство во фабриката.

Преку сертифицирање на градежните производи се овозможува поголема доверба во квалитетот на производот којшто се испитува со признати стандарди, на тој начин се намалува ризикот од доцнење на проектите а со тоа губење на финансиски средства и време. Значителна предност е што се овозможува меѓународна трговија и слободно движење на градежните производи на европскиот пазарот, и на тој начин зголемување на компаниската конкурентност.

На настанот беа доделени првите сертификати за градежни производи на Цементарница Усје и Адинг.

Опсегот на Акредитација на ГИМ Сертификација ги опфаќа следните производи: цемент, челик, бетон, ѕидарски малтер, производи и системи за заштитна и поправка на бетонски конструкции, битуменски мешавини, агрегати, ѕидарски единици, адитиви за бетон.

Градежен Институт Македонија е лидер во градежништвото со традиција од 41 година и успешно функционира на домашниот и странскиот пазар.