Ова се најпродавани автомобили во Европа во мај

42

Продажбата на нови автомобили во Европа доживеа сериозен удар поради пандемијата на коронавирусот, што доведе до пад од 57% во мај.

Регистрацијата на нови автомобили на Стариот континент доживува пад годинава поради силниот удар којшто го зададе здравствената криза. Продажбата во мај опадната е за 57%, додека за првите пет месеци од 2020 година во Европа забележан е вкупен пад од 43% во однос на ланската година.

Според информациите на JATO Dynamics, регистрирани на 27 европски пазари, дојде до еден интересен пресврт кога станува збор за најпродаваните автомобили. Иако европските купувачи ги фаворизираат кросоверите и SUV моделите во последните години, сепак во мај ниту еден ваков автомобил не е во првите три најпродавани модели.

Најпродаван автомобил за месец мај е Renault Clio со 16.028 продадени единици, а по него следува Volkswagen Golf и Peugeot 208, кои се продадени во 13.125, односно 10.977 примероци. Веднаш зад нив следува Dacia Sandero којшто има само 300 продадени примероци помалку во однос на субкомпактниот хечбек на Peugeot. Дури на петтото и шестото место пристигнуваат два кросовери во ликот и делото на Renault Captur и Volkswagen T-Cross. Топ 10 листата ја комплетираат Opel Corsa, Dacia Duster, Citroen C3 и Volkswagen Tiguan.

Кај хибридните и благите хибриди, Toyota Corolla, C-HR и RAV4 доминираат на подиумот со 5.185, 4.831 и 4.360 продадени единици, додека Ford Kuga, BMW X3 и Volkswagen Passat се најпродаваните plug-in хибриди, со 1.650, 1.356 и 1.139 продадени примероци. Renault Zoe електричниот автомобил се најде во сопственост кај 3.679 лица, додека Volkswagen и Tesla продадоа 2.474, односно 2.178 единици на e-Golf и Model 3.

Се уште нема јасна проекција за закрепнување на пазарот

“Количината на регистрации на нови возила е повеќе од двојно поголема во мај во однос на април. И покрај позитивните знаци на закрепнување, пропорциите на овие регистрации би можеле да кореспондираат со продажбите кои се направија пред карантинот, поради што сè уште немаме доволно информации со кои ќе можеме да предвидиме дали Европа ќе доживее V или U форма на закрепнување“, изјави глобалниот аналитичар на JATO, Фелипе Муњоз.

Не помалку од четири од секои 10 нови автомобили регистрирани во Европа минатиот месец биле SUV или кросовери, а на спротивниот крај, сегментите со најлоши перформанси е MPV, градските автомобили, луксузните седани, компактните модели и седаните од E-сегментот. Всушност, побарувачката за минивани е толку опадната, што нивната продажба е помала од онаа на лесните комерцијални возила.

Преземено од Avtoplus.mk

Фото: Freepik