Оваа недела ќе се одржи 51. сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка

22

 На 27 јуни 2024 година (четврток), со почеток во 14 часот, ќе се одржи 51. сесија на Клубот на истражувачите во просториите на Народната банка.

На сесијата ќе бидат презентирани трудовите: „Економски раст поттикнат од интеграцијата: Случајот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија” од авторот Никита Ристовски и „Монетарната политика и каналите на цените на средствата во контекст на регионализацијата на берзите во земјите на поранешна Југославија” од авторот Стефан Таневски. Авторите Никита Ристовски и Стефан Таневски се добитниците на првата и втората Годишна награда за млади истражувачи за 2024 година, соодветно.

По презентирањето на трудот e предвидена дискусија.

Народната банка објавува повик до сите истражувачи коишто се заинтересирани да учествуваат на сесијата на Клубот да се пријават на е-адресата: opstiinfo@nbrm.mk, најдоцна до 26 јуни 2024 година (среда).

Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Трудовите коишто се презентираат на сесиите на Клубот, треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.

На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија. Сесиите се од јавен карактер и фотографиите од настанот се објавуваат на веб страната на Народна банка и на профилите на социјалните мрежи. 

Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер.