Банките и штедилниците ќе им излезат во пресрет на лицата кои имаат времен проблем со отплата на кредити

127

Во околности на галопирачки негативен развој на состојбите со пандемијата од КОВИД 19, кога е сè уште невозможно да се согледаат последиците врз нашата економија, свесни дека многу наши компании веќе се соочуваат со проблеми во своето работење,  членките на Македонската Банкарска Асоцијација – банки и штедилници се подготвени да излезат во пресрет на сите барања на кредитокорисниците – граѓани и правни лица кои се соочуваат или во иднина ќе се соочат со  времена неможност, целосна или делумна, за отплата на своите обврски по кредити.

“Во таа смисла, мошне позитивно ги оценуваме наjновите мерки на Народната банка кои даваат значителни олеснувања и стимул за побрзо и поефикасно постапување по барањата на сите оние корисници на кредити кои имаат потреба за времена промена на условите за плаќање на кредитните обврски спрема банките и штедилниците“, стои во соопштението.

Заради отстранување на било какви дилеми и шпекулации, оттаму појаснуваат дека овие мерки не значат мораториум на отплатата спрема банките и штедилниците, туку даваат можност на брз и ефикасен начин да се излезе во пресрет на сите оние на кои тоа им е потребно во моментов и месеците кои се пред нас.

“Сите сме дел од ова општество и оваа економија и затоа е потребно со внимателно управување со ресурсите со кои располага нашата економија на најдобар можен начин да се соочиме со проблемите и кога оваа криза ќе помине да продолжиме со најмали можни последици за секое наше семејство, компанија, нашиот економски и финансиски систем и општеството во целина. Нашите членки, банките, штедилниците, Клириншката куќа и Македонското кредитно биро ќе дадат максимален придoнес во тој правец“, стои во соопштението.

Фото: Pexels