Пад на акциите на европските берзи во пресрет на седницата на ЕЦБ

13

Вредноста на акциите на европските берзи денеска бележат пад, бидејќи инвеститорите не сакаат да преземаат ризици во пресрет на состанокот на лидерите на Европската централна банка, од кој се очекува да бидат најавени зголемувањата на каматните стапки, имајќи ја предвид рекордната инфлација во еврозоната.

Индексот „STOXX 600″ на водечките европски акции изутринава падна за 0,6 поени.

Лондонскиот „FTSE” индекс ослабе за 0,4 отсто на 7.562 поени, франкфуртскиот „DAX” се лизна за 0,55 отсто на 14.366 поени, а парискиот „CAC” за 0,59 отсто на 6.410 поени.

Цените на акциите паднаа и на азиските берзи, па така азиско-тихоокеанскиот „MSCI” (без јапонските акции), изутринава околу 9:30 часот беше во минус од 0,4 отсто, по вчерашниот раст од околу еден процент.

На токиската берза индексот „Никеи” зајакна за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Хонг Конг, Шангај и Австралија паднаа меѓу 0,1 и 148 отсто.

Инвеститорите ги поколеба вчерашниот пад на берзанските индекси на Волстрит, поради што загубија дел од добивките остварени претходните два дена. „Dow Jones” се намали за 0,8 отсто, „S&P 500″ за 1,1 отсто, а „Nasdaq” индексот за 0,7 отсто.

Од 11-те најважни сектори на индексот „S&P 500″ вчера раст бележеше само енергетскиот поради поскапувањето на нафтата, во услови кога барелот на лондонскиот пазар достигна тримесечен максимум од 123 долари.

Бидејќи зголемувањето на цените на енергијата последните месеци е една од најважните причини за зголемување на инфлацијата во светот, инвеститорите стравуваат дека инфлацијата ќе остане на високо ниво подолго од очекуваното. Тоа може да ги натера најголемите централни банки во светот агресивно да ги зголемат каматните стапки.

Токму од тие причини приносите на 10-годишните државни обврзници во САД вчера ја пробија психолошки важната граница од три отсто, што веднаш негативно се одрази на берзите.

„Растот на добивката од 10-годишните обврзници над три отсто веројатно е една од причините за падот на цените на акциите. Тоа е нивото на кое се фокусирани инвеститорите бидејќи претставува зголемување на каматните стапки и е одраз на инфлација и на пазарна нестабилност”, изјави Роберт Павлик, портфолио-менаџер во „Dakota Wealth”.

Kако се движи инфлацијата во САД ќе се дознае утре кога ќе биде објавен Извештајот за потрошувачките цени за мај. Останува да се види дали инфлациските притисоци веќе го достигнаа својот врв па полека ќе попуштаат или инфлацијата и натаму ќе биде блиску нивото највисоко за последните 40 години.

Поради толку високата инфлација Федералните резерви на САД (ФЕД) од март ги подигна каматните стапки за 0,75 процентни поени, што сега се движат меѓу 0,75 и еден процент.

Се очекува овој и наредниот месец, а можеби и во септември ФЕД дополнително да ги зголемат каматните стапки за по 0,50 процентни поени така што до крајот на годината клучните каматни стапки би можеле да се движат од 2,50 до 2,75 отсто.

Имајќи го предвид рекордното ниво на инфлација во еврозоната, инвеститорите проценуваат дека челниците на Европската централна банка ќе донесат одлука за прекин на стимулативната програма, како и да сигнализираат наскоро зголемување на клучните каматни стапки.

Тоа се смета дека е причина за воздржаноста на инвеститорите, независно што макроекономските податоци испаднаа подобри од очекуваното. Кинескиот извоз се зголеми за речиси 17 отсто на годишно ниво во мај, а увозот за околу 4 отсто, што покажува дека економијата закрепнува благодарение на постепеното укинување на рестриктивните мерки за справување со епидемијата на коронавирусот.