Пад на акциите на Wall Street поради страв од нови ограничувања

41

На Wall Street во средата, цените на акциите паднаа нагло, трет ден по ред, поради стравот дека големиот раст на бројот на пациенти со коронавирус ќе доведе до сериозни ограничувачки мерки, а со тоа и ќе го забави закрепнувањето на светската економија.

Индексот Dow Jones потона 943 поени или 3,43% на 26.519 поени, што е најниско ниво од крајот на јули, додека S&P 500 се лизна за 3,53%, на 3.271 поени, а индексот Nasdaq 3,73%, на 11.004 поени.

Најголемиот дневен пад на индексите Dow и S&P 500 од средината на јуни се должи на силниот раст на бројот на нови инфекции со коронавирусот во светот, особено во САД и Европа.

Рекорден број хоспитализирани пациенти Ковид-19 се пријавени во 12 сојузни држави во САД, додека Германија и Франција објавија дека планираат да затворат голем дел од јавниот живот за еден месец поради немилосрдното ширење на коронавирусот.

Вчера најмногу паднаа цените на акциите во угостителството, авио и другите сектори поврзани со туризмот, што е многу чувствителен на состојбата со коронавирусот.

Индексот на авиосекторот во S&P 500 падна за 4,3%, следен од енергетскиот сектор, со просечен пад од 4,2%, како резултат на наглиот пад на цената на нафтата, поради стравувањата на инвеститорите од продлабочување на корона кризата.

Акциите во технолошкиот сектор, исто така, се намалија во просек повеќе од 4%.

Фото: Pixabay