Пад на цената на нафтата на лондонскиот пазар минатата недела

82

На лондонскиот пазар минатата недела цената на нафтата благо падна, па во јуни ја забележа првата месечна загуба годинава, бидејќи трговците стравуваат дека зголемувањето на каматните стапки поради високата инфлација ќе предизвика забавување на растот на светската економија , а со тоа и побарувачката на нафта.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 1,3 отсто на 111,63 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,8 отсто на 108,43 долари.

Во јуни цените на двата пазари го забележаа првиот месечен пад од ноември минатата година.

Во поголемиот дел од изминатата недела, цените на нафтата беа под притисок бидејќи трговците стравуваат дека зголемувањето на клучните каматни стапки од страна на американската централна банка би можело да ја турне најголемата светска економија во рецесија и да ја ослаби побарувачката за гориво.

ФЕД нагло ги зголеми каматните стапки од март за да ја спушти инфлацијата од највисоките нивоа во последните 40 години, а се очекуваат дополнителни зголемувања.

И сите најнови податоци покажуваат дека растот на американската економија забавува. Забавува и растот на другите најголеми светски економии, Јапонија и еврозоната, пренесува Хина.

Само растот на кинеската економија, која со месеци е под притисок поради строгите рестриктивни мерки насочени кон сузбивање на ковид-19, се забрзува.

Утрово нафтата Брент се тргува по цена од 112 долари за барел, додека американската ВТИ за 108 долари за барел.