Пад на индустриското производство во ноември

38

Индустриското производство во ноември оваа година, во однос на истиот период лани, е намалено за 4%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во ноември 2020 година, во однос на ноември 2019 година, бележи пораст од 8,7%, во секторот  Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 6,2%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 0,1%.

Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на тутунски производи, Производство на облека, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема и Производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место.

Според главните индустриски групи, производството во ноември 2020 година, во однос на ноември 2019 година, бележи опаѓање кај Трајни производи за широка потрошувачка за 33,4% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 14,8%, додека пораст бележи кај Енергија за 3,5%, Интермедијарни производи, освен енергија за 4% и Капитални производи за 0,8%.

Индексот на индустриското производство во периодот јануари – ноември 2020 година, во однос на периодот јануари – ноември 2019 година, изнесува 89,4.

Фото: Freepik