Пад на инфлацијата во Грција

Годишната стапка на инфлација во Грција падна од 3,1 отсто во април на 2,4 отсто во мај, објави Статистичкиот институт Елстат.

Цените на храната и безалкохолните пијалоци се зголемија за 3,1 отсто на годишно ниво во мај, забавувајќи се од априлските 5,4 отсто, а цените во грчкото здравство се зголемија за 2,2 отсто на годишно ниво, во споредба со априлските 3,6 отсто.

За разлика од нив, цените на облеката и обувките се зголемени за 6,4 отсто на годишно ниво, а на превозот за четири отсто, што претставува забрзување во однос на април, пренесува Мина.

Во мај алкохолните пијалоци и тутунот поскапеле за 1,6 отсто на годишно ниво, во рекреација и култура за 2,2 отсто, а во образование за 3,5 отсто.

На месечна основа, цените во Грција паднаа за 0,3 отсто во однос на април.

Просечните цени во Грција за периодот од јуни лани до мај годинава се зголемени во просек за 2,8 отсто во однос на годишниот период до мај минатата година.

Елстат неодамна објави дека годишната стапка на невработеност во Грција за април изнесувала 10,8 отсто, што е помалку од истиот период лани кога изнесувала 11,5 отсто.