Пад на кинеската берза, нафтата под 40 долари за барел

21

strelka

Цените на акциите на азиските берзи во понеделник потонаа на најниско ниво во последните три години затоа што инвеститорите се повлекуваат од пазарот откако кинеските берзански индекси паднаа повеќе од 8% и покрај мерките за стабилизација на кинеските власти. Поради тоа цените на акциите паднаа на сите азиски берзи, па MSCI индексот на азиско – пацифичките акции, без јапонските, во 9.30 часот утрово беше во минус 5,1%, додека на берзата во Токио, Nikkei потона за 4,6%.

На европските берзи цените на акциите паднаа на најниско ниво во последните седум месеци. FTSEurofirst 300 индекс на водечките европски акции околу пладне беше во минус 3,2%. Лондонскиот FTSE, парискиот CAC и франкфуртскиот DAX индекс во 9.30 беа во загуба меѓу 2,5% и 3%, како последица на остриот пад на кинеските акции. Пад бележат и останатите европски берзи, пишува ХРТ.

Паниката на светските пазари е последица на успорување на растот на кинеската економија, што неодамна ги наведе властите на девалвација на јуанот во обид да ја зголемат конкурентноста на кинеските извозни производи.

Пазарите во развој, кои многу зависат од извозот на суровини, особено се на удар затоа што слабеењето на Кина, најголемиот светски потрошувач на суровини, предизвика пад на цената на суровините на најниско ниво во последните шест години. Така, утрово цената на бакарот, кој претставува своевиден барометар на побарувачката во светот, падна на 4.950 долари по тон, додека цената на нафтата на американскиот пазар, по прв пат од 2009 година, падна под 40 долари за барел.