Пад на приходите, а раст на расходите во буџетот во првото полугодие

31

На приходната страна, кумулативно од почетокот на годината сè уште се забележува пад. Сепак тој е значително ублажен, а кај одредени давачки се забележува дури и висок раст во споредба со истиот период минатата година, смета министерката за финансии, Нина Ангеловска.

#Во периодот јануари – јуни, вкупните буџетските приходи се остварени на ниво од 44% од ребалансот (годишниот план) или во износ од 87,4 милијарди денари. Ова е за 9% помалку во однос на истиот период лани. Процентот на остварување во однос на планот, е речиси ист како и минатата година. Тоа укажува дека е задржана динамиката на наплата на приходите. Мора да се напомене дека реализацијата на вкупните приходи во јуни е значајно подобра од очекувањата, – реализацијата на приходите во јуни е за 9,6% пониска во однос на јуни минатата година (додека во сценариото бевме подготвени за 20% пониски)“, изјави Ангеловска.

Даночните приходи во првата половина од година бележат пад од 13% на годишно ниво и изнесуваат 47,3 милијарди денари, Досега се реализирани 44% од планот, што е речиси непроменета реализација во однос на план споредено со лани. Само за јуни, согласно сценариото од ребалансот проекциите беа во надолна линија со очекуван пад од нешто над -20%, додека остварениот пад е -14,4%.

Ова, според министерката, е позитивна разлика од околу 700 милиони денари. По падот од 31% и 29% во април и мај респективно, се забележува позитивно придвижување и подобрена наплата кај даноците.

Кај приходите од ПДД, како што кажа Ангеловска, има позитивни движења. Во второто тримесечје, движењата по месеци се -11,7% (април), -25,7% (мај), за во јуни да биде регистрирана позитивна стапка 1,7%. Ова во голем дел се должи на мерките на Владата за помош во исплата на плати за фирми погодени од КОВИД.

ДДВ, според нејзе, исто така има позитивно движење. Во април и мај падот кај ДДВ беше -43,5% и -33%, додека во јуни е -7,5%. Негативните стапки опаѓаат во второто тримесечје. Повратот на ДДВ, како што кажа Ангеловска, се одвива непречено и фирмите го добиваат повратот во регуларна динамика. Во услови на криза, повратот на ДДВ во првото полугодие од 2020 е повисок за 660 милиони денари споредено со истиот период лани или 6% повеќе. Ублажувањето на падот на приходите од ДДВ,  меѓу другото се должи и на спроведените мерки за поддршка на личната потрошувачка.

“Се забележува позитивен тренд кај придонесите кои растат со стапка од 8% или вкупно досега изнесуваат 31,7 милијарди денари. Ова е добар сигнал за движењата на пазарот на труд. Стапката на раст покажува дека мерките за поддршка за зачувување  работните места во борба против КОВИД-19 кризата даваат резултат. Растот од 12% на овие приходи, покажува одлична респонзивност на стопанството на преземените мерки,.  Во април и мај стапките беа 1,5% и -0,9%, што значи и тука има позитивни движења видно од месечните податоци“, рече министерката за финансии.

Расходната страна во првото полугодие бележи раст на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки во борба против КОВИД-19 кризата. Вкупните расходи изнесуваат 113 милијарди денари, што, како што информираше Ангеловска, е зголемување од 9,9% на годишно ниво или 10,2 милијарди денари (46,7% од буџетираните расходи). Оправданоста за ваквиот пораст на расходите, како што рече Ангеловска, се содржи во исплата на: повисоки пензии, социјална помош, плати, како и поддршка за фирми и граѓани погодени од КОВИД во износ од околу 5,4 милијарди денари (88 милиони евра)

Дефицитот во буџетот во првото полугодие е остварен во износ од 25,9 милијарди или 3,8% од БДП и бил согласно проекциите.

Фото: Freepik