Пад на трошоците на живот и цените на мало во септември

40

Трошоците на живот во септември оваа година се намалени за 0,6%, додека кај цените на мало има пад од 1,4%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Намалување на трошоците на животот во септември 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 3,9%, свежото и разладеното овошје за 2,8%, сувото овошје и јаткастите производи за 1,9%, другите прехранбени производи за 1,7%, оризот за 0,8%, брашното и другите житарици за 0,5%, млекото, маслото и маснотиите за 0,3% и јајцата за 0,2%.
Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 20,2%, туристичките пакет-аранжмани за 10,5%, услугите за сместување за 6,5%, гасот за домаќинствата за 2,3%, домашните миленици и сродни производи за 1,2%, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства, игрите, играчките и хобија за 1,1%, цврстите горива за домаќинствата, опремата за спорт и кампување во природа за 0,9%, конфекцијата за 0,7%, дисковите, касетите, дискетите, ЦД-ромовите, филмовите за 0,6%, средствата за чистење и одржување на станот, другите печатени материјали за 0,5%, книгите за 0,4%, малите електрични апарати за домаќинствата, другите лични предмети за 0,3%, текстилот за домаќинствата, автомобилите, другите услуги неспомнати на друго место за 0,2%.
Пораст на трошоците на животот во септември 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај сирењето и урдата за 1,3%, свежата и ладена риба за 0,6%, другите пекарски производи за 0,5%, месото за 0,4% и јогуртот за 0,3%.
Во септември 2019 година, пораст на индексите на трошоците на животот, исто така, е забележан и кај фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 6,2%, информатичката опрема за 1,7%, другото образование за 1,4 %, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема, телефон и телефакс опремата за 1,2%, течните горива за домаќинствата, велосипедите за 1,1%, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање, накитот и часовниците за 1%, угостителските услуги за 0,5% и опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,3%.

Трошоците на животот во септември 2019 година, во споредба со септември 2018 година, бележат пораст од 0,3 %, а кај цените на мало има намалување од 0,7%.

Фото: Pixabay