Пад на цената на нафтата

77

Цените на нафтата паднаа за повеќе од еден процент во вторникот, а нивниот пад продолжи и утрово пред корекција. На падот на цената на нафтата главно влијаеше Кина со неочекувано намалување на каматните стапки и забавување на економијата.

Фјучерсите на суровата нафта брент во вторникот загубија 1,5 отсто или 1,32 долари за барел, додека американската сурова нафта WTI падна за 1,8 отсто или 1,52 долари за барел. Во средата наутро нафтата брент се тргуваше по цена од околу 85 долари за барел, а нафтата WTI околу 81 долар за барел, покажуваат податоците на специјализираниот портал Oil Price.

Во изминатите седум недели, растот на цената на нафтата беше поттикнат од доброволното намалување на производството од страна на Саудиска Арабија и Русија, кои се дел од групата ОПЕК +, чии членки го ограничуваат производството за да одржат профитабилни ценовни нивоа.

Податоците за кинеското индустриско производство и продажбата на мало покажаа дека економијата дополнително забави минатиот месец, додавајќи притисок на веќе ослабениот раст. Се верува дека податоците ги поттикнале властите да ги намалат клучните каматни стапки за да ја поттикнат економската активност, пишува Ројтерс.

Наводно, постои загриженост дека Кина може да не ја исполни целта за раст од пет проценти оваа година без дополнителни фискални стимулации. Банката Barclays ја намали прогнозата за растот на кинескиот БДП оваа година на 4,5 отсто, наведувајќи го побрзото од очекуваното влошување на пазарот за недвижнини.

За падот на цената на нафтата придонесува и нестабилноста на банкарскиот сектор, откако агенцијата „Fitch Ratings“ ги предупреди американските банки, вклучително и JP Morgan Chase, дека може да им го намали рејтингот. Кога банкарскиот сектор е разнишан, тогаш нафтениот пазар станува несигурен, велат аналитичарите.