Пакомак донираше 40 контејнери за рециклирање во општина Куманово

26

FYROM - PACKAGING

Компанијата Пакомак потпиша четиригодишен договор за соработка и еколошко унапредување на животната средина со општина Куманово. Почетокот на оваа соработка ќе ја одбележи донација од 40 специјализирани контејнери за рециклирачки отпад. Предвидена е донација од истиот обем за секоја следна година, затоа што градот годишно генерира околу 50.000 тони комунален отпад, од кои 7.000 тони отпад погоден за рециклирање. Соработката е од заемен бенефит за граѓаните, општината и јавното комунално претпријатие Чистота – Куманово, кое воедно ќе ги сервисира контејнерите.

“Компанијата Пакомак инвестираше во комуналната инфраструктура на општина Куманово 40 контејнери за селектирано фрлање на отпадот коишто ќе бидат поставени на јавниот простор и во основните училишта на нашиот град. Ги замолуваме нашите граѓани совесно да ги користат новите контејнери и одделно да го фрлаат селектираниот отпад. Само на тој начин истиот ќе биде однесен на рециклирање и наместо отпад – ќе заврши како нов, корисен производ. Со промена на нашите навики ќе ја промениме животната средина кон подобро и ќе создадеме еколошки услови за живот за сите нас“, изјави градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски.

“И понатаму ќе продолжиме да ја остваруваме нашата корпоративна мисија – подобрување на комуналната инфраструктура во сите општини, со цел создавање услови за рециклирање на отпадот. Во некои општини се уште нема доволно контејнери за комунален отпад, но ние во соработка со локалната самоуправа се залагаме таа слика да се промени и во догледно време да има бар по еден контејнер за амбалажен отпад, пред се ПЕТ, хартија и лименки. Пакомак реализира и бројни едукативни кампањи со цел да ги поттикне луѓето да дадат свој личен придонес, односно  во одделна кеса да ги собираат пластичните шишиња, лименки и хартија. Така собраниот отпад да го фрлаат во посебен контејнер, најчесто  жолт или син по боја, се разбира во оние место каде нив ги има”, изјави Игор Макалоски, оперативен менаџер во Пакомак.

Дел од едукативните активности на Пакомак е патувачкиот Екобус заедно со Ивце Пивце кој помина низ повеќе општини низ Македонија и досега 35.000 основци се запознаа со начелата за рециклирање и живот во еколошка средина.

Во моментов Пакомак има склучено договори со компаниите кои што создаваат 42% од вкупниот отпад од пакување во Македонија, има договори со 25 општини од Република Македонија за одделно собирање на рециклирачкиот отпад, и е единствена компанија од Македонија приклучена на интернационалната мрежа за управување со отпад од пакување ProEurope и ја има лиценцата за употреба на симболот Green Dot. Пакомак оваа година доби и национална награда за општествено одговорни практики од Министерството за економија.