Пакомак претстави нов систем за селективно фрлање отпад во кафулињата

22

pakomakКомпанијата Пакомак претстави нов систем за селективно фрлање отпад во угостителството. Кон акцијата досега се приклучија над 15 познати скопски кафулиња и ресторани.

Кафулињата и рестораните ќе бидат директно вклучени во овој проект, со тоа што во секој од нив ќе има три различни корпи со ознаки за стакло, пластика и хартија. Персоналот во овие објекти ќе мора да се придржува до ова правило, а она што ќе треба да се направи е доста едноставно – по употребата, ќе треба да се фрлат амбалажите од пијалоците во корпата наменета за таков тип на амбалажа.

“Пакомак го направи првиот чекор и го поддржа угостителството во областа на одговорно однесување кон отпадот и негово селективно собирање. Преку оваа акција, сакаме да ја зголемиме свесноста кај луѓето дека за да го искористиме она што ни го подарила природата, мораме да почнеме одговорно да се однесуваме кон нашиот животен простор. Целта на овој проект е да создадеме здрави еколошки навики и едноставно, поубава средина за живеење за сите нас. Се надеваме дека оваа акција ќе биде успешна и ќе инспирираме и други угостителски објекти да ни се приклучат, како и дека овој проект ќе стане камен темелник на едно почисто и поубаво Скопје”, изјави директорот на Пакомак, Филип Ивановски.