Пандемијата им ги намали приходите на компаниите

32

Пандемијата влијаеше на намалување на приходите на друштвата и на нивната успешност. Од аспект на финансиското работење, забележано е намалување на приходите од работењето на друштвата и на остварениот финансиски резултат во првите девет месеци од 2020 година во однос на истиот период од 2019 година, стои во Краткиот извештај за деветмесечните финансиски перформанси на котираните акционерски друштва на Комисијата за хартии од вредност.

Акционерските друштва од стопанството кои објавиле деветмесечни биласи на успех, во периодот 01.01.-30.09.2020 година регистрирале намалување на приходите од работењето во однос на истиот период минатата година за 17,08%.

Во првите девет месеци од годината (01.01.-30.09.2020 година) друштвата реализирале приходи од редовно работење во вкупен износ од 83.131.446.000 денари, додека вкупно остварените приходи од редовно работење за истиот период минатата година (01.01-30.09.2019 година), изнесувале 100.254.304.000 денари.

Во периодот 01.01.-30.09.2020 година 27 друштва имаат зголемување на остварените приходи од редовно работење во однос на остварените приходи од редовно работење во истиот период минатата година, додека 58 друштва бележат намалување на приходите од редовно работење во деветмесечието годинава во однос на деветмесечието минатата година. Едно друштво остварило приходи од редовно работење на исто ниво како и истиот период минатата година, а едно друштво минатата година не регистрирало приходи за периодот 01.01.-30.09., додека за истиот период оваа година има регистрирано незначителен износ на приходи од редовно работење.

Гледано по сектори, најголемо учество во вкупно остварените оперативни приходи од друштвата од стопанството во првите девет месеци од 2020 година имаат друштвата од секторот индустрија (35,32%), по што следат друштвата од секторот трговија со нафта (29%), услуги (13,64%) и фармација (12,14%). При тоа, пораст на остварените оперативни приходи во првите девет месеци од 2020 година во споредба со истиот период минатата година е забележан само во секторот фармација, додека сите други сектори бележат намалување на остварените оперативни приходи.

Речиси во сите стопански дејности е регистрирано намалување на приходите од работењето, освен во секторот фармација каде е забележан пораст на приходите од редовно работење, што е очекувано со оглед на новата состојба во економското окружување наметната со пандемијата Ковид-19.

Бројот на друштва од стопанството што реализирале нето добивка во првите девет месеци од 2020 година во однос на истиот период од 2019 година е намален од 68 друштва на 59 друштва, при што вкупниот износ на остварената нето добивка на друштвата е намален за 14,99%, од 6.162.364.000 денари остварен во првите девет месеци на 2019 година на 5.238.669.000 денари во првите девет месеци од 2020 година.

Негативните последици од пандемијата кои се покажаа во реалниот сектор, се рефлектираа и на финансискиот сектор, пред сè на банкарскиот сектор, кој регистрира намалување на редовните приходи од камати и од провизии и надоместоци, а во следниот период се очекува уште повидливо влијание на кризата на финансискиот сектор каде ефектите од кризата се со одложено дејство.

Фото: Freepik