Пандемијата ја нагласи потребата од силни и независни централни банки

86

Пандемијата ја нагласи потребата од силни и независни централни банки коишто ќе овозможат поддршка при управувањето со кризата, во рамките на своите надлежности. Затоа е особено важно понатамошното унапредување на правната рамка за Народната банка, што ќе овозможи целосна независност, како предуслов за натамошно успешно остварување на нејзините цели.

За ова, меѓу другото, беше разговарано на состанокот со директорот на Одделот за Европа на ММФ, Алфред Камер, во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка, на којшто учествуваа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерите Фадил Бајрами, Емилија Нацевска и Ана Митреска.

Посебно внимание му беше посветено и на прашањето за финансиската стабилност, што се покажа како цврст столб на македонската економија, поткрепена со стабилен банкарски систем. Со оглед на продолжената пандемија и зголемената неизвесност, беше нагласено дека од суштинско значење е да се прави постојана процена на идните текови и очекувања, при што мерките и одлуките за финансискиот сектор треба да бидат превентивни. Пример за тоа е последната одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда.

Во рамките на Пролетните средби на ММФ и Светската банка беше одржан состанок и со резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле.