Пандемијата ја одложи и сезонската линија Белград – Скопје – Солун

75

Во домашниот железнички сообраќај во јуни дневно во просек има околу 700 патници. Во товарниот и покрај намалувањето на обемот на работа од 24,5% во март, не е намален бројот на клиенти и се склучени два нови меѓународни договори за транспорт, изјавија за МИА од Железници на РСМ Транспорт.

Просечниот дневен број на патници со воз во услови на пандемија месецов е двојно помал од бројот во истиот период лани кога со воз патувале по 1.500. На почетокот на пандемијата во март и во април на домашните патнички линии дневно имаше по 200 патника.

И во железничкиот патнички сообраќај, како и во меѓуградскиот и јавниот превоз е во сила мерката за ограничување на капацитетот на превозот за 50%, односно со два метри растојание меѓу патниците. Со мерките на Владата се укинати бесплатните билети за пензионерите и студентите во тек на викендите, а тие патници значително го зголемуваа вкупниот број.

Пандемијата го одложи и функционирањето на меѓународната сезонска линија Белград – Скопје – Солун – Белград, што требаше да стартува на 12 јуни.

Железници на РСМ Транспорт во координација со Србија воз и грчки ТРАИНОСЕ процениле дека не постојат услови за непречен проток на патници. Со тој меѓународен воз што е во функција од јуни до 20 септември лани дневно патувале по 30 патника.

“Бидејќи во моментот не постојат услови за непречен проток на патници кои би патувале со возовите 1335/1334 на релација Белград – Скопје – Солун – Белград, во координација со Србија воз и грчки ТРАИНОСЕ, се одложува почетокот на сообраќај на овие возови до усогласување на ставовите на железничките управи на превозниот пат и создавање услови за непречен сообраќај“, појаснуваат од Железници на РСМ Транспорт.

За товарниот железнички превоз, според податоците на ЖРСМ Транспорт, по растот од 29% во првите два месеца од годинава, во март забележале намалување за 24,5%.

Бројот на склучени договори за транспорт е ист како и во 2019 година, и како што велат, постои интерес и склучени се два нови меѓународни договора за транспорт.

“Во ова време на криза, тешко е да се процени, но се надеваме дека со крајот на кризата и развојот на економијата, транспортот ќе се зголеми во исто време и ќе го зголемиме нивото што го имавме на почетокот на годината“, изјавија од Железници Транспорт.

Товарниот превоз на ова претпријатие го користат клиенти кои бараат масовен транспорт: руди, метални производи, нафтени производи, мазут и гас, дрво и производи од дрво, меласа, вештачко ѓубриво, сите видови јаглен, кварцен камен, киселини и други хемикалии, соединенија, шеќер, сол, житарици, производи за широка потрошувачка,…

Фото: Македонски железници