Паразит им донесе многу пица нарачки и профит

Јужнокорејскиот филм Паразит, награден со Оскар во повеќе категории, направи преседан во историјата на популарната холивудска манифестација, а тоа интересно се одрази и на работата на сеулската пицерија којашто ја има во филмот.

Откога во филмот беа прикажани логото и кутијата на пицеријата за којашто главните ликови на почетокот работат, од тогаш продажбата во овој објект којшто навистина постои е зголемена за 50%.

Станува збор за пицеријата Sky Pizza. Овде туристите сега навратуваат многу почесто и се сликаат со “кутиите за носење“, коишто во филмот главните ликови ги изработувале. Иако тие во филмот се мачат и се прикажува суровиот капитализам којшто владее во денешното општество, токму оваа очајна работа на пицеријата прикажана во Паразит ѝ донесе дупло поголем промет.

Еом Хангил, сопственичка на пицеријата, вели дека работата им “цвета како луда“, а за два дена била интервјуирана 30 пати.

Инаку, оваа пицерија претходно воопшто не била популарна, што исто така е симболично. Можеби режисерот Бон Џун – Хо, токму затоа и ја одбрал како одговор на монополистичкиот капитал.

Ако не сте запознаени со филмот еве неколку детали: филмот Паразит следи две фамилии, една на работ на егзистенција, Ким, а друга која собира кајмак, Парк. По сплет на околности семејството Ким (мајка, татко, син и ќерка) се вработуваат кај четиричленото богато семејство и тогаш почнуваат интригите.

Додека ковале планови како да се ослободат од вработените кои работат кај семејството Парк и да го заземат нивното место, ручаат во пицеријата Sky Pizza.

Фото: YouTube/Screenshoot