PayPal доаѓа во Македонија

24

paypal

Македонија е една од десетте земји каде што за прв пат доаѓа светски познатиот бренд за безбедно плаќање на интернет –  PayPal.

Во соопштението на PayPal се наведува дека граѓаните на Белорусија, Камерун, Брегот на слоновата коска, Македонија, Молдавија, Монако, Црна Гора, Нигерија, Парагвај и Зимбабве ќе можат да регистрираат сопствена сметка на PayPal за да можат да плаќаат преку интернет на голем број сајтови без никакви грижи, на едноставен начин со помош на нивните кредитни или дебитни картички.

“Од денеска, луѓе од над 200 пазари низ целиот свет ќе имаат можност да го користат PayPal. Планираме да работиме со нашите потрошувачи и да им помогнене да ги искориститат предностите на безбедниот и едноставен начин на плаќање низ целиот свет“, вели Руперт Кили, вицепретседател на PayPal за Европа, Блискиот Исток и Африка.

Со овие десет нови земји, PayPal e достапен на вкупно 203 пазари ширум светот.

“Додека технологијата ги отстранува бариерите до глобалната трговија, многу луѓе се претпазливи да ги внесат броевите од своите кредитни или дебитни картички на интернет страницата на некој продавач во странство“, вели Кили.

PayPal е компанија основана во 1998 година со цел развој на дигиталното плаќање, давајќи им можност на луѓето да имаат директна контрола на нивните пари. Во овој момент има над 148 милиони активни корисници, а се регистрираат над девет милиони трансакции дневно.