Американската компанија за дигитално плаќање PayPal Holdings соопшти денеска дека ќе им овозможи на корисниците во Велика Британија да купуваат, продаваат и чуваат биткоини и други криптовалути од оваа недела.
Воведувањето на оваа функција, што го означува првото меѓународно проширување на крипто-услугите на PayPal надвор од САД, може да поттикне натамошно проширување на усвојувањето на новата класа на средства.
Со повеќе од 403 милиони активни сметки на глобално ниво, компанијата со седиште во Сан Хозе, Калифорнија е една од најголемите водечки финансиски компании што им нуди на потрошувачите пристап до криптовалути.
Претходно оваа година, PayPal воведе можност за купување и продавање криптовалути во Соединетите држави.
Компанијата се надеваше дека нејзиниот влез во нова класа на средства ќе ја зголеми глобалната употреба на виртуелни пари и ќе ја подготви својата мрежа за нови дигитални валути што би можеле да ги развијат корпорациите и централните банки.
„Ние сме посветени на продолжување на тесната соработка со регулаторите во Обединетото Кралство и во целиот свет и ќе продолжиме да ја нудиме нашата поддршка и да даваме значаен придонес во обликувањето на улогата, што ќе ја играат дигиталните валути во иднината на дигиталните финансии и трговија“, рече потпретседателот и извршниот директор на блокчејн и дигиталните валути во PayPal – Хозе Фернандез да Понте.
Во Велика Британија, услугата на PayPal ќе се натпреварува со услугите на воспоставените берзи за крипто-валути како што е Coinbase Global, како и нови иновативни компании за финансиска технологија, како што е Revolut.
Клиентите ќе можат да купуваат биткоин, етереум, лајткоин и биткоин со готовина користејќи ги нивните PayPal паричници преку Интернет или во мобилна апликација.
Овој потег доаѓа откако водечките финансиски компании започнаа да им нудат на своите клиенти, и потрошувачи и институции, пристап до дигитални средства во услови на зголемени цени на криптовалутите.