Пазарот на осигурување во Македонија бележи позитивна стапка на раст

13

Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) денеска во Охрид организира работилница Медиумите и осигурувањето, на која новинарите и медиумите поблиску ќе се информираат за најновите движења и предизвици во делот на пазарот на осигурувањето во Република Македонија.

Претседателот на Советот на експерти на АСО, Климе Попоски, појасни дека на работилницата, на која учествуваат претставници на 15 електронски и печатени медиуми, ќе се обработуваат повеќе теми, како запознавање на медиумите со основната мисија на АСО, со пазарот на осигурување во Македонија, постоечката законска регулатива од областа на осигурувањето, како и со актуелните предизивици од областа на осигурувањето.

Станува збор за обука на новинарите кои во секојдневното работење обработуваат претежно теми од областа на економијата.

Попоски појасни дека пазарот на осигурување во Република Македонија последите години бележи позитивна стапка на растеж, како во делот на неживотното осигурување, така и во делот на осигурувањето на живот.

“Во делот на осигурување на живот Македонија бележи највисока стапка на раст, споредено со сите држави од централна и југоисточна Европа. Последните три години просечно годишно е забележан пораст од минимум 20% во делот на осигурувањето на живот, што значи дека осигурувањето на живот се повеќе зазема свое место на пазарот на осигурување во Македонија,“ рече Попоски.

Тој рече дека тоа е резултат на присуството на познати меѓународни осигурителни групации, но и на поголемата свест на граѓаните за придобивките од купувањето производи за осигурување на живот.

Агенцијата за супервизија на осигурувањето на Македонија изминатите неколку дена во Охрид беше домаќин на уште три настани од регионално и меѓународно значење за супервизијата на осигурувањето, и тоа Седмата регионална иницијатива на земјите од Централна и Југоисточна Европа во делот на супервизијата и регулативата на осигурителната индустрија, Состанок на Супервизорскиот форум на Меѓународната асоцијација на осигурителни супервизори, како и Првата меѓународна конференција на актуарите од областа на супервизијата на осигурувањето, задолжени за финансиската стабилност и солвентност на друштвата за осигурување.

Сите активности спроведени изминатите неколку дена се организирани во соработка со Меѓународната асоцијација на осигурителни супервизори и Регулаторот за осигурување на ЕУ, а секако претставуваат добра можност за размена на искуства од областа на супервизијата на осигурувањето, како и унапредување на соработката меѓу регулаторните органи.