Песимизмот расте во германската економија, а тоа се прелева и во други земји

29

Германските економисти се сè попесимисти за идниот развој на состојбите во економијата. Германија е силен извозник, а побарувачката на клучните пазари како Кина се забавува.

Индексот на економската клима ZEW во Германија, клучен показател кој ги мери очекувањата на финансиските експерти, драстично падна од 41,8 поени во јули на само 19,2 поени во август.

Падот на расположението го одразува растечкиот песимизам за развојот на ситуацијата во германската економија, како и во еврозоната. Падот ги надмина очекувањата и прогнозите, според кои индексот требаше да се спушти на 32 поени, а ова е најголемото месечно влошување од јули 2022 година.

Се влоши и расположението во еврозоната, при што соодветниот индекс падна од 43,7 на 17,9 поени, што е најниско од февруари и далеку под очекуваните 35,4 поени. Падот од 25,8 поени претставува најголемо месечно влошување на економската клима во еврозоната од април 2020 година, односно почетокот на пандемијата.

Се влошува и оценката за актуелната економска состојба во Германија, при што релевантниот показател падна за 8,4 поени на минус 77,3 поени. Сепак, показателот за состојбите во еврозоната имаше благо подобрување и се зголеми за 3,7 поени на минус 32,4 поени.

Економијата на еврозоната се соочува со низа проблеми кои го поткопаа и онака многу слабото закрепнување во 2024 година. Забавување на глобалната трговија. поради слабеењето на побарувачката на клучните пазари како Кина, извозно ориентираната економија на Германија беше тешко погодена.

Забавувањето на глобалната трговија ја погодува извозно ориентирана Германија
„Економската перспектива за Германија пропаѓа. Во тековното истражување го забележуваме најсилниот пад на економските очекувања во последните две години“, изјави претседателот на ZEW, професор д-р Ахим Вамбах, коментирајќи ги резултатите од истражувањето.

Вамбах истакна дека континуираната неизвесност, поттикната од нејасната монетарна политика, разочарувачките деловни резултати од САД и ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток, придонеле за падот на расположението.

Гледано по сектори, расположението се влоши речиси кај сите, освен во комуналниот сектор, кој забележа благ пораст од 0,7 поени.

Најзначајни падови се забележани во чувствителните сектори како малопродажбата каде падот изнесува 24,2 поени, што ја одразува загриженоста за слабеење на побарувачката на потрошувачите поради високата инфлација и зголемувањето на каматните стапки.