Пет необврзувачки понуди за хрватски Бадел, заинтересиран и Тиквеш

48

pozivnica_vinofin

Во првиот круг собирање необврзувачки понуди за Јавниот повик за собирање понуди за стратешко поврзување и докапитализација на хрватскиот произведувач на вино, алкохолни и безалкохолни пијалоци Бадел 1862 во рамките на постапката на предстечајна спогодба, интерес покажале шест домашни и странски компании. Од нив пет се доставени во пропишаниот рок, стои во соопштението на Бадел објавено вчера на Загрепска берза, по повод објавите во медиумите во кои беа наведени имињата на заинтересираните компании.

“По повод денешните објави во медиумите во кои се наведуваат имињата на компаниите кои покажаа интерес за докапитализација на компанијата Бадел 1862, преку Берзата ја информираме инвестициската јавност дека информацијата за искажан интерес за докапитализација и потенцијалните инвеститори е делумно точна. Затоа што со објавувањето на наведената информација е нарушена доверливоста на податоците, преку Берзата, согласно со одредбите на Законот за пазар на капитал, даваме целосно соопштение за поднесените необврзувачки понуди по повод Јавниот повик за собирање понуди за стратешко поврзување и докапитализација на Бадел 1862 во рамките на постапката на претстечајна спогодба.

Во првиот круг собирање понуди, интерес покажаа шест домашни и странски компании, од кои во рок се доставени пет необврзувачки понуди:

– BIDCO, конзорциум на Quaestus Private Equity d.o.o. и Подравка д.д. од Хрватска, заедно со JM Fundus d.o.o. со странски капитал,

– заедничка понуда на Тиквеш АД од Македонија и Orbico d.o.o.,

– STOCK Spirits Group Ltd. од Велика Британија

– TEMPO Beverages Ltd. од Израел

– Princeps promet d.o.o. од Хрватска

Вон рокот е примена понуда од Tadee Holding Group Co.Ltd. од Кина”, стои во соопштението на Бадел објавено вчера на Загрепската берза.

Вечерњи лист вчера објави дека Подравка и уште неколку компании се заинтересирани за докапитализација на Бадел, по што следуваше официјалното соопштение од компанијата. Информација за покажан интерес за стратешко поврзување и докапитализација на Бадел, вчера на Загрепската берза објави и Подравка.

Бадел на 24 април објави јавен повик за собирање на понуди за стратешко поврзување и докапитализација во рамките на постапката на предстечајната спогодба.

Бадел е во мнозинска сопственост на државата, која поседува 67,68% од основачкиот капитал во компанијата.