Пет пункта за пилот проектот Рурален лекар

19

Пет пункта опфатени со пилот проектот Рурален доктор се поставени во Крушево, со што во 12 населени места со околу 2.000 жители секоја недела се вршат здравствени прегледи. Проектот Рурален доктор официјално почнува од 1 март оваа година. Ова го истакна министерот за здравство Никола Тодоров при посетата на Здравствениот дом во Крушево, каде се информираше за состојбите и потребите на таа здравствена установа.
Според него, проектот се спроведува успешно, а целта е да се опфатат сите населени места каде нема лекар. Тој посочи дека лекар и медицинска сестра секој ден се на различен пункт и вршат основни прегледи на населението, а еден ден е резервиран за патронажни посети на пациентите во нивниот дом.
“Ова е пилот-период за проектот Рурален доктор и очекуваме со законските измени официјално да профункционира од 1 март. Во земјава има 1.227 населени места без лекар и овој проект многу ќе им олесни на луѓето да не патуваат за секој преглед”, рече Тодоров.
Тој го посети и крушевското село Пресил, каде е поставен еден од петте пунктови во општината опфатени со пилот-проектот Рурален доктор, како и Здравствениот дом во Демир Хисар и Психијатриската болница, каде се информираше за состојбите и потребите на тие здравствени установи.
Оценувајќи дека проектот во селото Пресил се одвива со задоволително темпо, Тодоров потенцира дека целта е државата да обезбеди лекар во определен ден во неделата кој ќе доаѓа точно во определено време и ќе дава здравствени совети и некои основни медицински прегледи.
“Според анализите на Министерството во Македонија има 1.227 села без лекар. На овој начин ќе им се помогне на жителите на селата да не патуваат до блискиот здравствен дом за основни прегледи”, изјави Тодоров.
Според Тодоров за потребите на проектот Рурален доктор ќе се вработат 70 лекари и медицински сестри кои ќе бидат на терен на пунктовите.
“Нашите лекари и медицински сестри се на пет пункта во неделата, и тоа во селата Пресил, Саждево, Борино, Пуста Река и Свето Митрани”, рече Коста Андрески, директор на Здравствен дом Крушево.