Петта година по ред на Македонска берза успешно се одржа „Инвеститорски ден“

113

Петта година по ред на Македонска берза успешно се одржа „Инвеститорски ден“ на којшто сите домашни физички лица имаа можност да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без да ги платат провизиите кон Берзата, Централниот депозитар на хартии од вредност и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи), во износ на остварен промет до 10.000 евра.

На вчерашниот „Инвеститорски ден“ на Берзата се склучија вкупно 333 нормални трансакции што претставува најголем број склучени трансакции во еден ден на тргување во 2024 година. Вториот најголем број на трансакции на дневно ниво оваа година изнесува 228 трансакции во БЕСТ системот, додека просечниот дневен број на трансакции е 88.

Вкупниот промет од тргување во БЕСТ системот со акции денес надмина 912 илјади евра, односно изнесува околу 56 милиони денари што е зголемување за повеќе од 53% во споредба со прометот остварен на инвеститорскиот ден одржан во 2023 година. Дополнително, вчера во БЕСТ системот на Берзата се внесени вкупно 567 налози за тргување, што претставува повторно најголем број на внесени налози во берзанскиот систем за тргување во текот на оваа година.

Иницијативата „Инвеститорскиот ден“ ја прифатија и во неа активно се вклучија сите десет членки на Берзата (Еурохаус, Илирика Инвестментс, Иново Брокер, Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер и Шпаркасе Банка Скопје) и Централниот депозитар за хартии од вредност, а истата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност