Новата генерација на Peugeot 208 останува најпопуларниот автомобил во земјите од европската унија, а за тоа сведочат и податоците на Jato Dynamics.
Малиот хечбек на францускиот производител, Peugeot 208, ужива голема популарност на Стариот континент, додека ID.4 се наметнува најпосакуван ЕВ, а најголем доказ за тоа се продажните бројки. Според податоците кои ги објави Jato Dynamics, во 27-те држави од Европската унија во претходниот месец се испорачани вкупно 1.029.008 нови автомобили, што е раст од цели 261 проценти во однос на резултатите остварени во април 2020 година. Сепак, треба да се земе предвид дека во истиот период минатата година поголемиот дел од земјите во Европа беа затворени, а производителите речиси и да не работеа поради пандемијата на коронавирусот.
Затоа, доколку се споредат продажните резултати од овој април со оној од пред две години, тогaш се добива значително пореална слика и може да се заклучи дека пазарот во ЕУ забележал пад на продажбата од 23 проценти.
Главни двигатели на продажбата во Европската унија остануваат SUV моделите и ЕВ сегментот. Електричните автомобили бележат голем раст на продажбата, а во април имале учество во пазарот од дури 15 проценти. Имено, продадени се вкупно 71.500 електрични возила што е раст од 338 проценти, додека plug-in хибридите забележале раст од 507 проценти со вкупно 81.000 регистрации.
Апсолутен шампион во ЕУ кога станува збор за продажбата е Peugeot. Француската марка ги држи двете први места за најпродавани модели. На врвот и понатаму останува Peugeot 208 кој е продаден во 18.387 примероци, додека на второто место е SUV моделот 2008 кој дојде до 18.328 купувачи.
На третото место е Volkswagen Golf со 17.763 продадени единици, а на четвртото место е Toyota Yaris која собра 17.365 регистрации. Во Топ 5 влегува уште еден модел на Volkswagen, а тоа е T-Roc со 17.168 доставени автомобили, по што следуваат Opel Corsa (16.934), Renault Clio (16.859), Fiat 500 (15.771), Peugeot 3008 (14.743) и Citroen C3 (14.692).
Од друга страна, Volkswagen може да се пофали дека го има најпродаваниот ЕВ во Европа, а станува збор за ID.4 кросоверот кој воедно е првиот електричен SUV кој станал наjпродаван електричен автомобил. ID.4 успеал да генерира 7.335 продажби во април, а на второто место е неговиот помал брат, хечбекот ID.3, кој е продаден во 5.735 единици. Renault Zoe ја заокружува Топ 3 поставата со 4.015 продадени возила.
Овој продажен резултат на ID.4, но и ID.3, како и добрите резултати на останатите електрични автомобили, и помогнаа на Volkswagen групацијата да дојде до 34 проценти удел на европскиот ЕВ пазар во април. Според ова, германскиот производител забележа подобри перформанси во ЕВ сегментот, отколку на севкупниот пазар каде уделот е речиси 27%.
Од овие податоци може лесно да се забележи доминацијата на возила од B сегментот, но и на новата групација Stellantis, која бележи одличен успех предводен од Peugeot. Француската марка успеа да влезе со дури три модели во десетте најпродавани автомобили во Европа, додека Stellantis на ниво на групација на оваа листа има дури шест претставници.
Преземено од Avtoplus.mk