Францускиот производител Peugeot планира да лансира уште еден кросовер во својата понуда, но овојпат во A сегментот.
Во автомобилската сфера веќе подолго време кружат шпекулации дека Peugeot сака да лансира модел со ознаката 1008. Првите информации за овие планови на францускиот производител можеа да се слушнат уште пред неколку години, но производството на овој автомобил никогаш не се реализираше.
Во моментов, судбината на моделите на PSA групацијата во А сегментот како Peugeot 108 и Citroen C1 останува мистерија, односно какви се плановите на француската групација околу нивната иднина по прекинот на соработката со Toyota. Не е исклучено двата модели да добијат електрични наследници. Citroen веќе го претстави моделот Ami, симпатичниот електрични градски автомобил кој би можел да ја пополни празнината при евентуално повлекување на моделот C1.
Сепак, останува прашањето на каков потег ќе се одлучи Peugeot. Францускиот бренд размислува за лансирање на модел 1008 кој би можел да стапи на сцената при евентуална одлука за повлекување на 108. Peugeot е поучен од големиот комерцијален успех кој го доживеаја неговите SUV modeli, пред се 3008 и 2008, поради што не би требало да биде изненадување ако на местото на 108 наскоро во гамата се одлучи да додаде уште еден кросовер, кој би можел да стане вистински хит.
Peugeot 1008 би можел да пристигне многу брзо
Според некои француски медиуми, Peugeot веќе сериозно го разгледува пласманот на моделот 1008, а во развојниот тим се убедени дека развојот на целиот автомобил би можел да биде готов за 18 до 24 месеци. Според некои информации, Peugeot би можел да го претстави 1008 веќе следната година, но сепак тоа во овој момент се уште не е потврдено.
Можно е францускиот бренд ако одлучи да го создаде овој модел, да ја искористи својата досегашна пракса, па покрај конвенционалното издание со мотор со внатрешно согорување, да понуди и електрична верзија. Peugeot дефинитивно ја има технологијата за овој зафат, CMP платформата можат да ја прилагодат и за помалите возила, останува само да се направи анализа на пазарот околу евентуалната побарувачка за таков автомобил, иако нема дилеми дека потенцијалниот 1008 би претставувал хит во сегментот.
Преземено од Avtoplus.mk