Во Куманово е отворена канцеларија на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој, една од осумте низ државата.
Како што истакна директорот на Агенцијата Тони Димовски, целта на регионалните канцеларии е владините програми и услуги за унапредување на производството да се доближат до земјоделците.
“Земјоделците ќе имаат можност да добијат совети и информации за прашањата околу исплатата на поднесените барања за субвенции. За сите програми, поддршка во земјоделството, руралниот развој, рибарството, ИПАРД, ќе може да се обратат тука. Канцеларијата воедно е и решение за контролите на терен кои секојдневно се спроведуваат во сите региони, вклучувајќи го и североисточниот регион”, истакна Димовски по отворањето.
Канцеларијата е лоцирана во просториите на регионалното одделение на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството. Термините за средби со земјоделците дополнително ќе бидат утврдени.