Бугарскиот премиер Бојко Борисов најави дека денес неговата Влада ќе поднесе оставка поради протестите во државата предизвикани од зголемените цени на електричната енергија и мерките за штедење.
“По седница на Владата, ќе поднесам оставка од име на целата влада. Не можам да гледам парламент ограден со ограда – тоа не ни е ниту цел, ниту ни е во корист ако треба да се чуваме од народот. Имаме чест и достоинство. Народот не донесе на власт и ние власта денеска ја враќаме. Во овие четири години направивме максимум што можевме”, изјави Борисов во Собранието.
Тој додаде дека нема да учествува во работата на преодната влада.
“Нема да учествувам во влада во која полицијата го тепа народот”, наведе тој.
Премиерот Борисов најави и дека во текот на денешниот ден ќе му биде одземена лиценцата на чешкиот електродистрибутер ЧЕЗ, а во март цената на струјата ќе се намали за 8%, доколку тоа го побара Државната комисија за енергетско и водено регулирање.
Во демонстрациите против поскапувањето на струјата, во понеделникот во Софија беа повредени најмалку 11 лица, меѓу кои петмина полицајци. Демонстрантите фрлаа камења и шишиња кон парламентот, кршеа автомобили и излози во центарот на главниот град. Револтот беше предизвикан од сметките за струја, кои во јануари беа повеќе од двојно повисоки во однос на декември.