По долго време: Нафтата брент се тргува под 90 долари

88

Цената на нафтата од типот брент со која се тргува на лондонската берза и се црпи од Северното Море утринава изнесуваше 88,79 долари за барел, додека цената на американскиот индекс WTI беше 82,77 долари. Цената се однесува на октомвриските договори.
Цената на нафтата брент забележа забележителен пад во однос на почетокот на неделата. Во понеделникот барел од оваа нафта се продаваше за повеќе од 96 долари, додека во средата цената потона на 87,58 долари за барел. Нафтата „брент“ не била толку ниска од февруари.

Американскиот „West Texas Intermediate“ (WTI) во средата во еден момент се тргуваше по 81,83 долари за барел, а во четвртокот наутро се тргуваше за 82,74 долари за барел.

Цената на руската нафта Урал на берзите се движи околу 69 долари за барел, но поради санкциите на Западот, многу земји оваа нафта ја добиваат по уште пониски цени од официјалната цена.

Здружението ОПЕК+, кое ги обединува најголемите светски извозници на нафта, меѓу кои и Русија, на почетокот на неделата се обиде да ја задржи цената на нафтата над 90 долари за барел со најавата дека ќе го намали производството.