По iPhone и Mac, Џони Ајв ќе дизајнира и за Ferrari

38

Пред помалку од две години, долгогодишниот шеф за дизајн на Apple, сер Џонатан Ајв, ја напушти компанијата. Тој го остави, беше кажано во тоа време, во добри раце на неговите поранешни колеги, па започна свое дизајнерско студио наречено LoveFrom. Веднаш беше објавено дека Apple ќе биде еден од првите клиенти на LoveFrom, веројатно за да ја смири јавноста и да остави впечаток дека нема многу да се промени во дизајнот на iPhone и Mac. Подоцна, Ајв се согласи да соработува со Airbnb, и сега тој зачекори надвор од светот на технологијата – во автомобилската индустрија.

Во понеделникот, легендарниот италијански производител на спортски автомобили Ferrari објави дека преку својата холдинг-компанија Exor, потпишале повеќегодишен договор за соработка со Џони Ајв и неговиот деловен партнер Марко Њусон, кои го претставуваат креативниот колектив на LoveFrom.

Соработката беше најавена од Ferrari: „Првиот израз на новото партнерство ќе ги спои легендарните перформанси и извонредноста на Ferrari со неспоредливото искуство и креативност на LoveFrom што дефинираше извонредни производи што го сменија светот. Покрај работата со Ferrari, LoveFrom ќе истражува и голем број на креативни проекти со Exor во областа на луксузни производи“.

Како дел од ова креативно партнерство, Џони Ајв, исто така, ќе стане член на „Партнерскиот совет“ на Exor, форум кој се одржува еднаш годишно, каде учесниците го носат своето искуство, експертиза и идеи, ги споделуваат со другите учесници и ги истражуваат можностите за соработка и откриваат нови можности за бизнис. Извршниот директор на Exor, Џон Елкан рече дека тие разговарале со Ајв и Њусон од првите денови на постоењето на LoveFrom со цел некако да постигнат соработка и да ја комбинираат креативноста на двете страни.

Ајв и Њусон нагласија дека тие се и сопственици и колекционери на Ferrari автомобили, и како такви се многу возбудени што можат да придонесат за нивниот тим за дизајн. „Гледаме некои уникатни и возбудливи можности за заедничка работа за кои веруваме дека ќе дадат важни и вредни резултати“, велат познатите дизајнери.

Фактот дека Exor е ко-сопственик на некои од најпознатите светски брендови – од автомобилскиот концерн Stellantis, преку модната куќа Christian Louboutin, па се до фудбалскиот клуб во Торино, Јувентус, зборува за можноста за широка соработка помеѓу LoveFrom и Еxor.

Деталите за партнерството не се откриени, а можеби и не се откриваат, бидејќи LoveFrom обично работи од сенка. Ајв и Њусон не се фалат со својата работа на социјалните медиуми, не ги потпишуваат јавно проектите за кои соработуваат, а компанијата нема ни официјална веб -страница.